Десет земји се приклучуваат на украинската иницијатива „Фреја“


Киев – Десет земји се приклучија на иницијативата Фреја за интегриран систем за воздушна и балистичка ракетна одбрана, која моментално е во фаза на активна имплементација, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на вечерното обраќање на 6 август.

Заедничката иницијатива претставува европски систем за антибалистичка ракетна одбрана, а се очекува дополнителни меѓународни партнери да се приклучат на коалицијата во блиска иднина, објави „Јунајтед 24 Медиа“.

Зеленски им се заблагодари на сите одбранбени компании кои учествуваат во проектот, наведувајќи дека е предвиден заеднички пристап кон производството.

Коалицијата ги обединува Данска, Франција, Германија, Италија, Холандија, Норвешка, Шпанија, Шведска, Обединетото Кралство и Украина, како и одбранбените компании Фајрпоинт, Талес, Хенсолд, Дајл Дифенс, Сааб, Конгсберг Дифенс енд Аероспејс, Вајбел, Леонардо, Ембида, Евросам, Сафран и Дестинус.

Според планот, домашната индустрија ќе произведува пресретнувачки ракети и лансери, додека меѓународните партнери ќе ги обезбедат потребните компоненти и клучни технологии, вклучувајќи радарски системи и сензори за следење.

Целта е Украина да се приклучи на групата земји со антибалистички одбранбени капацитети, а претседателот постави очекување дека конкретни оперативни резултати ќе бидат постигнати до крајот на 2026 година или почетокот на 2027 година.

Прелиминарните тестови на антибалистичките ракети произведени во Украина веќе го покажаа својот потенцијал за време на руската воена операција во Украина.

Фреја е дизајнирана како панеевропска интегрирана иницијатива за воздушна и ракетна одбрана со примарен фокус на справување со балистички закани.

Проектот го развиваат Украина, меѓународни партнери и одбранбената компанија Фајрпоинт, со цел создавање помасовна и поекономична алтернатива на американскиот систем за воздушна одбрана Патриот.

На 13 јули, Украина и девет европски сојузници го објавија создавањето на Интегрираната коалиција за антибалистичка одбрана за развој на заеднички европски ракетен штит.

Основачките членови – Украина, Данска, Франција, Германија, Италија, Холандија, Норвешка, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство – изјавија дека иницијативата ќе се фокусира на градење интегрирани капацитети за ракетна одбрана преку заедничко истражување, технолошка соработка и координиран индустриски развој.

Декларацијата, исто така, го признава единственото оперативно искуство на Украина стекнато за време на одбраната од руската воена операција, кое треба да игра важна улога во идната работа на коалицијата.