Десет пати помалку се сее сончоглед на македонските ниви
ШТИП – Сончогледовите полиња низ земјава се реткост, во рок од три децении производството на сочоглед на македонските ниви е намалено за десет пати. Деканот на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Љупчо Михајлов, вели дека според податоците на Државниот завод за статистика најголем рекорд на засеани површини имало во 1989 година, кога под оваа култура биле покриени 46.000 хектари, а во 2014 година само 4.000 хектари.
Овчеполскиот регион освен житните култури го красеа и полињата со сончоглед, но поради немање квалитетно наводнување во текот на летните месеци земјоделците се откажаа од негово одгледување.
„Поради различните услови за производство на површините, каде што се нема постојано залевање со вода е многу ризично производството. Минималниот принос е во 1990 година, кога имало 470 килограми по хектар, а во 2009 и 2010 година се постигнати максимални приноси од 1.800 и 1.900 килограми по хектар. Гледате колкав е тоа дијапазон на различност на приносите. Можеби може да се поправи ситуацијата, но со преземање одредени мерки, што претставуваат и најголем проблем во производството на сончоглед во сушни услови, а тоа е правилен избор на хибриди, правилен избор на рокови на сеидба“, потенцира Михајлов.
Според него, земјоделците треба да се насочат кон порани рокови на сеидба на сончоглед, бидејќи, како што вели, ова растение издржува и пониски температури. Негов совет е сончогледот да се сее на почетокот на март, а земјоделците да изберат хибриди со висок потенцијал на родност.
„Општопознато е дека сончогледот не може да се одгледува повеќе години на исто место, треба барем три години да поминат, минумим, за повторно да се врати на иста површина“, вели Михајлов.
Тој забележува дека друг проблем во Овче Поле се птиците, кои прават големи штети и придонесуваат дополнително врз намалување на приносите, иако земјоделците прават сè и ги применуваат сите агрохотехнички мерки за негово одгледување.
„Во светот се водат истражувања и решавања на тој проблем, дали преку поставување аудиовизуелни одбивачи на птиците, како што се пропански топови, потоа разни плашила на птици, но тоа не го решава проблемот во целост. Исто така се оди и на хибриди, кои имаат дебела лушпа, подлабока поставеност на зрното во главата, но од друга страна не дава многу економски ефекти, односно масленост на сончогледот, бидејќи повеќе се одгледува масло, отколку за ќуспе“, додаде Михајлов.
Предност за одгледување сончоглед треба да му се даде на Пелагонискиот регион поради постигнувањето на повисоките приноси. „Таму агроклиматските услови се поповолни, повисоки потпочвените води. Сончогледот има подлабок коронов систем и може да ја црпи водата од потпочвените слоеви“.
Пред зголемување на трошоците за сеидба и на репроматеријалите рентабилно производство на сончоглед изнесувало 1.000 килограми по хектар, а сега со новите цени земјоделците мора да имаат над 1.300 килограми по хектар, за да си ги покријат трошоците. Решението за зголемување на површините под сончоглед го гледа во изградба на нови системи за наводнување, постојана реконструкција на постојните системи, здружување на посевите на земјоделците.
Прашан дали во Овче Поле има можност за производството на други маслодајни растенија, Михајлов предност му дава на производството на ленот, кој успешно се вклопува во плодоред со житните култури, има кратка вегетација и нема потреба од поголеми количини вода. (МИА)