Десет луѓе затрупани во лавина во Австрија


Лавина денеска затрупа околу десет лица во ски-центар во Австрија, јавува австриската новинска агенција АПА. Лавина со снег затрупа дел од ски-центарот Лех/Цуерс во западна Австрија, соопшти АПА, додавајќи дека едно лице е спасено.

Несреќата се случила околу 15 часот, а на местото веднаш биле испратени неколку хеликоптери со спасувачки екипи.

„Правиме сè што е можно за да спасиме луѓе“, се вели во соопштението на општина Лех.

Во потрагата учествуваат околу 100 луѓе, а спасувачите побарале шлемови со монтирани светла за да продолжат со потрагата по жртвите и во темница, објави АПА.