Десет години од „црниот понеделеник“ во 2012


 
СДСМ потсетува дека денеска се навршуваат десет години од првиот голем инцидент во Собранието, кога при расправата за буџетот од салата на сила беа избркани, истуркани, влечени за коса опозициските пратеници од полицајци во цивили и собраниското обезведување. Тогашните министри, Зоран Ставрески за финансии, и Гордана Јанкулоска за внатрешни работи, мирно го посматраа ова насилство. Ставрески дури мавташе со рацете пратениците да бидат што побрзо исфрлени.
 
Пред Собранието се случуваше друга драма, кога можеше да дојде до судир на две спротивстваени големи групи на поддржувачи на власта и опозицијата.
 
Оттогаш почна драматичното назадување на демократскитте процеси во земјата, што кулминираа со драматичниот упад во Собранието на 27 април 2017.
 
„На овој ден, пред 10 години пратеници и новинари насилно беа исфрлени од Собранието, од храмот на демократијата, првите беа исфрлени за да не се спротивстават на носењето на најрасипничкиот буџет во историјата на државата, а вторите за да не известуваат од тепањето пратеници. 
 
Тогаш, целата јавност ја виде суровоста на еден еден насилнички режим, а токму настаните од тој црн понеделник и неказнивоста на одговорните доведе до уште поцрн датум, до 27 април 2017 година кога режимот тргна да убива пратеници, полицајци и вработени во Собранието.
 
24 декември е потсетник никогаш да не се заборават и никогаш да не се повторат режимските методи на ВМРО-ДПМНЕ“, вели во соопштението СДСМ.