Десет дена од техничката влада – дезинформации и лажни вести: Мониторинг на „Цивил“
„Според наодите на ‘Цивил’, како и на аналитичарите во организацијата, се бележи дека десетте дена на техничката влада ги карактеризира дискредитирачки тон во јавната комуникација, лажни наративи, дезинформации, национализам и потпалувачка реторика“, изјави Џабир Дерала од „Цивил“ на прес-конференцијата за промоција на извештајот од изборниот мониторинг.
Тој додаде дека проевропската ориентација не се напаѓа директно, но пораките во јавната комуникација упатуваат дека има две остро спротивставени политички групации, а дел од политичките ентитети својата антизападна ориентација ја манифестираат преку континуираните дискредитирачки наративи и ревизионизмот на стратешките одлуки и процеси.
„Главна одлика на кампањите од 28 јануари, кога беше изгласана техничката влада, до 7 февруари се дезинформациите и говорот на омраза кои се дел од наспот на дел од политичарите. Тие ги користат дезинформациите и говорот на омраза како орудие за постигнување предност пред политичките ривали“, рече Дерала.
Тој наброи и неколку примери за наративи и дезинформации, како средбата на лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, која не се случи, како и монтираното видео од посетата на техничкиот премиер Талат Џафери во Форино.
Според овој извештај, техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски за само десет дена функционирање на техничката влада во својот кабинет зел 16 советници од МВР и две лица ангажирани од надвор.
„Министерот за внатрешни работи во редовниот состав имаше се на се шест советници, вклучувајќи го и шефот на кабинетот. Сега гледаме еден мега кабинет, што е чудно и мистериозно како ќе функционира“ рече Дерала.