Дерковски: Никаде не пишува дека со уредба се оди на избори


Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски во „10 минути“ на ТВ21 посочи дека главна работа околу која треба да се фокусира вниманието е датумот за избори.

„Изборниот законик кажува дека за да организира било што Државната изборна комисија мора да има датум на избори. Во оваа ситуација, кога со уредба се прекина дејствието, па сакаат да се продолжи, никаде не пишува кој е датумот на избори“, додава Деркоски.

Според него, никаде не пишува исто така дека може со уредба со законска сила да се утврди датумот на избори.

„Изборниот законик одредува во членот 12 став 1 кој го пропишува датумот за одржување на изборите, поединечен акт кој што се носи кај претседателот на Собранието и тој го кажува во својот акт датумот за избори и датумот за распишување од кој започнуваат да течат сите рокови, а ние како Комисија изготвуваме роковник според кој се одвиваат дејствијата“, посочи Деркоски.

Тој додава дека тие како Комисија не смеат да лицитираат со датум за избори, туку можат само да укажат на тоа што го кажува Изборниот законик.

„Бевме прашани минатиот пат до каде стигнавме. Ние кажавме дека не го заклучивме избирачкиот список и сега, ако се водиме по она кое пред некоја година беше главен камен за сопнување кај сите политички партии како избирачкиот список, фантоми, па се правеше теренска проверка, се бараа фантоми кои не се најдоа, би било многу незрело да одиме сите како држава со неажуриран, непрочистен изборен список на избори кои треба да значат наш легитимен прозорец за отворање на преговорите со ЕУ“, порача Деркоски.

Според него, не можат да одат на избори без да се внесат новите податоци за нови полнолетни граѓани и да се избришат оние кои починале.

„Ние го ажурираме списокот, меѓутоа има законска пропишана процедура дека треба да им овозможиме на сите граѓани на јавен увид да се проверат во списокот и да дадат свои забелешки, во спротивно ќе бидеме соочени кога многумина од граѓаните ќе поднесат тужби до Управниот суд за неостварување на своето право на глас“, посочи Деркоски.