Дерковски не ја коментира задачата добиена од Владата


Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, не сака да ја коментира уредбата на Владата со која од ДИК се бара да почне со подготовка на изборните списоци, а со тоа и на изборите. Според Дерковски, не е добро да коментира пред уредбата да излезе во службен документ и пред да ја види во официјална верзија.

Околу тоа дали ќе се обновува и изборниот список за дијаспората, откако во претходниот рок беше заклучено дека нема услови таму да се гласа, Дерковски беше попрецизен.

Според него, ако ДИК работи според Изборниот законик, листата на гласачи од дијапората ќе мора исто така да се ажурира и обнови, но ако работи според уредбата на Владата, тоа нема да се случи.

-Владата очигледно ги заборавила гласачите во дијаспората, вели Дерковски.

Претходно во изјава за „360 степени“ Дерковски порача дека не може со уредби да се дерогира целиот правен систем на државата.

„По завршување на вонредната состојба, правниот систем треба да се врати во нормала. Во Изборниот законик е предвидена посебна методологија за ажурирање и прочистување на избирачкиот список. И сега таа методологија наеднаш не важи. Не можеме новите гласачи само да ги прикачиме на избирачкиот список, врз основа на Уредба со која се дерогира Изборниот законик“,вели Деркоски, посочувајќи и на мислење на Уставниот суд, според кое уредбите донесени за време на вонредна состојба не можат да ги поништат законите што се на сила.

Инаку, пред да се откажат предвремените избори на 12 април, ДИК соопшти дека услови за избори во дијаспората нема бидејќи бројот на пријавени и одобрени гласачи не стигна до бараната граница за да тие да бидат организирани. Од вкупно пријавени 7.535 гласачи од дијаспората, дури 1.439 беа одбиени , така што границата не беше исполнета.

Од одбиените околу двеста биле од иста ИП адреса, но од ДИК негираа дека станува збор за организиран обид за упад во системот туку за обид еден човек да пријави повеќе гласачи во дијаспората од Австралија и од Германија.  (С.Ј.)