Дерковски: ДИК не е во паника


Во ДИК нема паника и нема причина за паника. Денес е денот кога треба да се достават кандидатските листи. Потоа ги проверуваме апликациите, ако е се во ред ги потврдуваме листите и продолжуваме со нашата работа. Заврши рокот со увидот во Избирачкиот список и доста граѓани се проверија, изјави Оливер Дерковски на гостувањето во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Тој истакна дека и покрај моменталната ситуација со коронавирусот, редовните активности нормално си течат.

-Владата треба да ја следи ситуацијата. Не можеме ние да прејудицираме некоја одлука. Одлуката за распишување на изборите ја донесе собранието и сметам дека исто така одлуката за евентуално пролонгирање на изборите треба да ја донесе истиот орган кој што ги распиша изборите. ДИК само ги исполнува одлуките на тој орган. Дали ќе има или не одложување на изборите зависи од политичкиот договор помеѓу политичките партии. Финансиски гледано, доколку се одложат изборите, ќе изгубиме многу повеќе од тоа ако се завршат во предвидените роковои, рече Дерковски.