Дерби во Скопје: Вардар и Шкендија во битка за Купот уште во осминафиналето


Немилосрдната ждрепка ги спои Вардар и Шкендија уште во осминафиналната фаза од фудбалскиот Куп на Македонија, па скопската Арена денеска ќе биде поприште на првиот нивен дуел. Не само прв во двомечот од Купот, туку и прв сезонава, имајќи предвид дека „црвено-црните“ од Скопје и „црвено-црните“ од Тетово досега не се сретнаа во воведните седум кола од домашниот шампионат.

Двата тима во различен амбиент влегоа во новата сезона. Тетовчани, кои се актуелни шампиони, вложија големи средства за да постигнат забележителен успех во фудбалска Европа, но доживеаја катастрофа по срамните елиминации од естонски и луксембуршки тимови. Лошиот влез во сезоната се рефлектираше и во домашното првенство, по што мораше да си замине тренерот Ќатип Османи. Шкендија сега врза три победи едноподруго (Струга, Ренова и Работнички) и со десет бода стигнаа до четвртата позиција.

Вардарци, пак, кои не добија лиценца за настап во европските купови, а со забрана за трансфери во летниот преоден рок, се на чело на првенствената табела. По поразот и ремито во воведните две кола, скопјани се во серија од пет победи (Силекс, Шкупи, Струга, Ренова и Работнички) и во одлично расположение го чекаат мечот со тетовските „милионери“.

Шкендија има поквалитетен играчки кадар, но тетовската машина сѐ уште не проработела, па тука е шансата на Вардар, кој е во налет.

„Дали ќе игравме со Шкендија во осминафинале или финале ни е сеедно. Мора да ги поминеме ако го сакаме трофејот. Се работи за меч на најдобрите два клуба во Македонија, кои во изминатите шест години доминираат во мак-фудбалот. Верувам во мојот тим, знам дека сите се мотивирани максимално и мислам дека тој меч ќе го одлучи фактот на тоа кој повеќе ќе остави срце на терен. Наша цел е да се мине Шкендија, но се работи за два меча и мора да бидеме паметни и внимателни“, изјави голманот на Вардар, Филип Гачевски.

„Сакаме да ја продолжиме позитивната серија од првенството и во Купот. Свесни сме дека нѐ чека натпревар со ривал кој игра во добра форма. Купот ќе донесе две интересни пресметки и фактот дека реваншот ќе се игра на наш терен, прави да бидеме внимателни на првиот натпревар во Скопје“, вели фудбалерот на Шкендија, Арменд Алими.

Во досегашните 27 изданија на фудбалскиот Куп на Македонија, Вардар бил победник пет пати, но последен пат дури во 2007 година. Шкендија двапати се радуваше на пехарот од Купот, последен пат во 2018 година.

Актуелен победник е тимот на Академија Пандев, кој денеска ќе се соочи со Осогово. Во другите мечеви се среќаваат: Брегалница – Македонија Ѓорче Петров, Шкупи – Силекс, Пелистер – Работнички, Тиквеш – Ренова, Лабуништа – Охрид и Борец – Струга.

Сите натпревари започнуваат во 15.30 часот. Реваншите се предвидени за 30 октомври во 13.30 часот.