Дерала: Продолжен рокот за аплицирање за изборни набљудувачи на ЦИВИЛ за локалните избори


 Рокот за аплицирање за изборни набљудувачи ЦИВИЛ одлучи да го продолжи до 10 јули на полноќ, информира на денешната прес-конференција под наслов „Отворено за сите прашања“ претседателот на ЦИВИЛ Џабир Дерала.

Тој појасни за краткорочниот изборен мониторинг, што е задача на краткорочните набљудувачи, и за начинот на набљудување на набљудувачите на ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ, како што рече, ги повикува своите членови, поддржувачи и учесниците на семинарите за граѓанско новинарство, набљудувачите на претходните изборни процеси, како и сите заинтересирани полнолетни граѓанки и граѓани да аплицираат за краткорочни изборни набљудувачи.

Набрзо потоа, соопшти Дерала, ќе се одржат и семинари за обука на набљудувачите. Тој посочи дека набљудувачите се мобилни, односно дека секој набљудувач има обврска да покрие во просек десет избирачки места.

Четворица од пријавените кандидати ќе бидат селектирани како долгорочни мобилни набљудувачи, кои ќе му се приклучат на постојаниот тим за мониторинг на ЦИВИЛ.

Мониторингот на ЦИВИЛ, додаде, подразбира мобилност, посветеност и непристрасност. Краткорочните набљудувачи се активни во текот на изборниот молк, на денот на гласањето и еден ден по гласањето.

Членови на тимови на меѓународни или домашни набљудувачки мисии, партиски функционери и активисти вклучени во изборната кампања, како и кандидати на изборите, немаат право на учество на овој повик.

Сите заинтересирани за набљудување на локалните избори, можат да аплицираат на следниот линк.