Депонентите на Еуростандард банка разочарани – Уставниот суд не донесе одлука во нивна полза


Фото: Б. Грданоски

„Одлуката на Уставниот суд е за жал негативна и е последниот клин на сандакот во кој се сместија оштетените физички и правни лица од Еуростандард банка“ – вака од Здружението на оштетени штедачи ја соопштија за нив неповолната одлука на Уставниот суд во врска со поднесената иницијатива за оцена на уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки, со кој при наплатата од стечајната маса предност се дава на Фондот за осигурување депозити во однос на оштетените фирми депоненти на банката и штедачите со поголеми износи од 30 илјади евра кои се покриени од страна на Фондот.

Од  Здружението велат дека е пропуштена последната шанса на правен и цивилизиран начин да се исправи неправдата врз нив.

„Резултатот од гласањето е пет судии ‘против’, наспроти четири судии ‘за’, повеќе детали околу расправата ќе објавиме во наредните денови“, се вели во нивната реакција.

Притоа, додаваат дека како Здружение ќе продолжат да дејствуваат преку соопштенија до јавноста.

„И покрај нашиот повик до судиите да се апстрахираат од политички влијанија бидејќи политиката не значи владеење на правото туку протежирање на политичка агенда која неретко штити интереси на одредени политички или други елити и најчесто не е во корелација со правната држава, ниту со заштита на правата на граѓаните“, се вели во нивното соопштение, во кое најавуваат дека, нивната голгота ќе ја споделат со меѓународните институции.