Депонентите на Еуростанард банка спасот го гледаат во Уставниот суд


Фото: Б. Грданоски

Од Здужението на оштетени штедачи на Еуростандард банка, очекуваат Уставниот суд да ја прифати нивната иницијатива со која тие ја оспоруваат уставноста за начинот на кој што се врши обесштетување на клиентите во случај на пропаѓање на банка.

Станува збор за член 163 став 3 од Законот за банки, согласно кој на Фондот за осигурување на депозити му се дава првенство, односно како што велат од Здружението, монопол во наплата на побарувањата во однос на физичките и правни лица депоненти на банка во стечај, кои на ваков начин се ставени во крајно нерамноправна положба и се директно оштетени.

„На 24.02.2021 Уставниот суд конечно ќе решава по поднесената иницијатива, после претходното заседавање на судиите, кое се одржа на 17.02.2021“, соопштија од Здружението на оштетни штедачи.

Од таму додаваат дека Македонија е единствената земја на Европскиот континент, вклучувајќи ги и соседните земји кои не се членки на Европската унија, во која фирми депоненти во банка не се заштитени и не се обештетуваат во случај на пропаѓање на банка.

„А такви ‘изгорени’ фирми има околу 2.000 во ограбената Еуростандард банка. Државниот Фонд за осигурување на депозити не ги обештетува фирмите. Согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити, физичките лица депоненти во банка се осигурани до 30 илјади евра додека за правните лица депоненти не постои никаква осигурана сума. Државата ги оштетува фирмите со закон додека законски им наложува и ги обврзува да работат исклучиво преку банкарскиот систем. Согласно член 163 став 3 од Законот за банки, на државниот Фонд за осигурување на депозити му се дава првенство односно монопол во наплата на побарувањата во однос на физичките и правни лица депоненти на банка во стечај, кои на ваков начин се ставени во крајно нерамноправна положба и се директно оштетени“, нагласуваат од Здружението.

Како што додаваат, единствена институција во државата која може и треба да ја реши оваа крајно неправедна, дискриминирачка, незаконска и неуставна одредба од Законот за банки е Уставниот суд на РСМ.

„Решавањето на ова горчливо прашање го очекуваме преку поднесената иницијатива до Уставниот суд од октомври минатата година, со којашто се бара укинување на предметниот член од наведениот закон бидејќи со истиот се прави нееднаквост и дискриминација на доверителите во стечајната постапка на банката, што е спротивно на начелата на владеење на правото дефинирани со Уставот на РСМ“, велатт од Здружението.

На таков начин, како што нагласуваат, ќе се отстрани нееднаквоста и дискриминацијата на сите останати доверители во однос на Фондот за осигурување на депозити и воедно ќе се овозможи сите тие, физички и правни лица, да добијат шанса барем делумно ги повратат своите депозити преку стечајната постапка.

„Сето ова може да се надмине само со една одлука на Уставниот суд, во којшто оштетените гледаат светло на крајот од тунелот, бидејќи само тој може да го укине законскиот текст којшто овозможува и креира правна несигурност која води илјадници семејства во неизвесност“, се вели во соопштението на Здружението на оштетени штедачи во Еуростандард банка.