„Денови на мед“ во Куманово


Мед, матичен млеч, прополис, мелеми и други пчелни производи се нудат на кумановци на манифестацијата „Денови на мед“, која денеска беше отворена на градскиот плоштад. Манифестацијата, која се организира по 23-ти пат ја организира здружението „Пчела“. Оваа година има 27 пчелари излагачи.

– Оваа година имаме најголем број изложувачи, добивме поддршка од локалната власт. Наша главна цел е да го промовираме медот како храна, не да се користи само при болести, туку секојдневно. Порака до граѓаните е да си купуваат од пчеларот кој си го познаваат, во кој има доверба. Не од оние кои продаваат по сомнителни места за 300, 400 денари. Загарантирана цена е 600 денари, иако пропратната опрема е поскапена, изјави претседателот на здружението, Бобан Стошевски.

„Пчела“ постојано работи во насока на промоција на пчеларството. Во моментов има 120 членови од различни генерации. Поискусните нудат и менторски услуги. Од здружението велат дека АХВ треба да преземе сериозни мерки и да ги открива нелојалните продавачи на мед.

Оваа година е релативно добра во однос на приносите, иако на почетокот имаше дожд.

– Се надеваме дека зимата ќе биде блага со снег и идната година да имаме мед, изјави Стошевски.

Долгогодишниот пчелар Горан Митевски кажа дека потрошувачите разликуваат кој е вистински мед.

– Квалитетот е поинаков, редовните потрошувачи имаат доверба во нас. Тука на саемот се сите пчелари кои произведуваат мед. Фалсификатори нема, изјави Митевски.

Производителите генерално се задоволни од потрошувачката и генерално од поддршката на надлежното министерство од субвенции, мерки за поддршка и модернизација на производството.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој ја отвори манифестацијата, им посака успех на пчеларите и кажа дека е благодарен што се повеќе граѓани се занимаваат со пчеларство.

„Денови на мед“ ќе траат три дена.