Денови на македонската култура во Корча


Од утре до крајот на наделава во албанскиот град Корча ќе се одржат „Денови на македонската култура“, во организација на Амбасадата и Културноинформативниот центар на земјава во Тирана.

Како што информира Министерството за култура, манифестацијата содржи повеќе настани од областа на културата, образованието и бизнисот, што ќе се реализираат на повеќе места во градот.

Во просториите на Филолошкиот факултет при Универзитетот Фан Ноли, проф. Виолета Јанушева првпат пред студентите ќе го претстави курикулумот за предавања на курсевите по македонски јазик, а деканите на Падагошкиот и на Филолошкиот факултет ќе имаат работна средба во рамките на воспоставената соработка на универзитетите од Битола и од Корча.

Во делот на културномузичкото претставување се изложбата на Завод и музеј Битола – „Невестински соништа“ и дел од културното наследство на Битола и Битолско, претставено од директорката Мери Стојанова, како и самостојната изложба на уметникот Зоран Кардула.

Посебен акцент на манифестацијата се средбите на директорите на државните агенции за туризам и претставници од бизниссекторот.

Како што е најавено, директорот на Агенцијата за привлекување и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски и директорката на албанската Дирекција за туризам, Корнелија Феризај ќе ги договараат модалитетите за заедничка соработка и настап на трети пазари.

Манифестацијата свечено ќе ја отворат македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски и градоначалникот на Корча, Сотирач Фило.