„Денови на македонска музика “ со оркестарот на Филхармонија
Овој четврток, во 20 часот ќе се одржи концерт во рамки на програмата на фестивалот „Денови на македонска музика“. Диригент е Борјан Цанев, а како солисти ќе настапат Билјана Камчева-флејта, Лазар Соколов- кларинет, Огненка Герасимовска-Димитровска – пијано и Горан Начевски – баритон. На програмата се Концертот за флејта, кларинет и оркестар од Љубомир Бранѓолица кој ќе доживее премиерна изведба, Концертот за пијано и оркестар од Властимир Николовски и Симфонијата „Убави денови“ од Живоин Глишиќ.
Љубомир Бранѓолица (1932) е уникатна фигура на македонската музичка сцена во втората половина на дваесеттиот век. Во неговиот исклучително богат творечки опус има и опери и балети, и камерни и хорски композиции, како и популарни песни и аранжмани на творби од други, наши и странски автори. Неговите дела се тонални, со раскошна мелодика и со вешта оркестрација. Тоа е една од причините што постојано живеат на репертоарот на македонските и на светските музички уметници и ансамбли. Концерт за флејта, кларинет и оркестар е напишан во типичен стил на композиторот кој претставува фузија на неокласика, неоромантизам. Има елегичен призвук, потенциран преку мелодиските линии во флејтата и кларинетот, но и во богатата оркестарска делница. Во некои делови од концертот се чувствуваат и влијанијата од барокот потенцирани преку полифоните структури кои се јавуваат како далечно ехо и реминисценција.
Творештвото на Властимир Николовски (1925-2001) е исклучително богато и разновидно. Опфаќа над 140 музички композиции од речиси сите видови и жанрови на класичната музика, како и голем број публицистички трудови во кои обработува различни прашања од музичката уметност. Концертот за пијано и оркестар му е посветен на пијанистот Владимир Крпан и е напишан во 1979 година. Првиот став „Токата“ има фоклорни мотиви и во него пијанистот ги презентира своите изведувачки квалитети, вториот став „Тропар“ поседува изразена духовност преку архаичните звуци инспирирани од црковното пеење, а последниот став „Тешкото“ е инспириран од најавтентичниот танц во македонската фоклорна традиција.
Живоин Глишиќ (1954) образованието го завршува во Скопје. Интересот кон музиката и музичкото творештво Живоин Глишиќ го пројавува многу рано. Влијание на определено насочување на тој интерес извршува Драган Ѓаконовски Шпато, со кого соработува до крајот на неговиот живот. „Убави денови“ е прва симфонија во неговиот композиторски опус. Напишана е во 2021 година, а се изведе истата година на прославата на 30 годишнината од независноста на државата во изведба на оркестарот на Македонската филхармонија. Има два става, и се базира на елементи од македонскиот фоклор, а стилот е неокласичен. Фоклорните инспирации се присутни и како цитат (во вториот став се искористени мотиви од народната песна „Деспина“) и како индивидуален и уникатен музички израз. Симфонијата има богата звучност и оркестрација во која се испреплетени интересни хармонски решенија и мелодии кои ја збогатуваат и напластуваат нејзината автентична структура.
Добитникот на македонското признание Виртуози „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Во 2010 година, Сојузот на композиторите на Македонија му ја додели наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на дело од македонски композитор. Во 2015 година ја предводи Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во Музичкиот центар „Кауфман“.