„Денови на литературата“ со попусти до 70%, подароци за читатели, промоции на книги и интерактивни настани за деца


Петтото издание на „Денови на литературата“ ќе се одржи од 7 до 23 февруари во сите книжарници на „Литература.мк“. Во рамките на продажната акција ќе бидат понудени попусти на книги до 70%, грепки со подароци, книжевни промоции, интерактивна програма за деца и за фанови инспирирана од Хари Потер, Покемон и Исидора Мун, како и дружби со Биби и Боби и Стела и Сани.
 
Во продажната акција ќе има попусти на најбараните книги за возрасни и за деца од 18 македонски издавачки куќи: „Арс Ламина“, „Академска книга“, „Антолог“, „Бата прес“, „Бегемот“, „Ид-концепт“, „Или-или“, „Мартина“, „Муза“, „Нампрес“, „Полица“, „Прозарт“, „Сакам книги“, „Сказнувалка“, „Слово“, „Светот на Биби“, „Три“ и „Чудна шума“.
 
Попусти до 70% на популарни наслови од нефикција, фикција и книги за деца ќе понуди „Арс Ламина“. За сите фанови на книгите на Зоран Спасов Ѕоф ќе има специјална понуда – комплет од петте негови книги: „И јас сум Сирма“, „Тито, мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“, „Џабе живиш у Скопје“ и „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“ за вкупно 990 денари. На дел од книгите од „Или-или“ ќе има 50% попуст. Преостанатите издавачи ќе понудат 20% попуст на книгите.
 
Продажната акција „Денови на литературата“ ќе се одвива во сите книжарници на „Литература.мк“, во: „Дајмонд мол“, „Скопје сити мол“, „Ист гејт мол“, ТЦ „Буњаковец“, на ул. „Македонија“ во Скопје, во Битола (на „Широк сокак“) и во Струмица, како и на најголемата е-книжарница www.literatura.mk. 
 
„Литература.мк“ подготви и изненадувања за своите посетители – со купени книги во книжарниците во вредност од минимум 1500 денари следува грепка со подарок. Меѓу подароците се: комплети со книги од Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Блаже Конески, Орхан Памук, Милан Кундера,  Д-р Неле Карајлиќ, Барак Обама и Мишел Обама, серијалите Хари Потер и „Темната граѓа“, „Прва училишна енциклопедија“, „Мојата прва библиотека“, „Мали умни глави“, детски класици на англиски јазик, како и блузони, зимски капи и друго. Секоја грепка е добитна!
 Сите настани во рамките на „Денови на литературата“ се бесплатни за сите посетители.