Денис Јанкуловски и Ленче Здравкин добитници на наградата „Мето Јовановски“


Годинашните добитници на државната награда „Мето Јовановски“ се Денис Јанкуловски и Ленче Здравкин. Станува збор за највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.

Наградите во Кристалната сала на Собранието им ги додели претседателката на Одборот за доделување на државната награда „Мето Јовановски” Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет, која потсети дека денеска се одбележува 10 Декември – Меѓународниот ден на човековите права.

„Одлучивме да доделиме две награди оваа година затоа што сметавме дека овие двајца луѓе им помогнаа на оние кои навистина се маргинализирани – мигрантите и лицата со нетипичен развој“, рече Пировска.

Медицинскиот техничар од Центарот за јавно здравје Денис Јанкуловски – Космонаутко беше во првите борбени редови во борбата против коронавирусот и промовираше одговорно однесување на социјалните мрежи.

Хуманитарката Ленче Здравкин им помагаше на мигрантите кои поминуваа по железничка пруга за време на бегалската криза. Таа го отвори својот дом и несебично им пружаше помош на бегалците.