Денеска започнуваат сослушувањата на кандидатите за еврокомесари во ЕП


Белгија – Од денес до 8 октомври европратениците треба да ги сослушаат сите 27 кандидати за еврокомесари. Финалното гласање за целокупниот состав на новата Европска Комисија е планирано за 23 октомври.

Секој кандидат ќе биде сослушуван од членовите на парламентарната комисија која соодветствува на нивното портфолио.

Први на ред денеска се словачкиот кандидат, Марош Шефчович, назначен за потпретседател задолжен за меѓуинституционални односи. По него ќе бидат испрашувани ирскиот кандидати, Фил Хоган, кандидат за трговија, и Марија Габриел, бугарската кандидатка задолжена за иновација и младина.

Откако е воспоставена праксата на сослушувања во Европскиот Парламент во 2004, секогаш најмалку еден кандидат бил отфрлен од страна на пратениците.

Минатата недела, за прв пат, се отфрлени двајца кандидати од страна на комисијата за правни прашања на Европскиот Парламент, пред воопшто да се одржат официјалните сослушувања. Пратениците оценија дека во случајот на унгарскиот кандидати Ласло Трочањи и Романката Рована Плумб не ги задоволуваат критериумите во однос на конфликт на интереси. Се очекува во текот на денешниот ден да се разјасни процедурата за овие двајцата кандидати.

Според претседателот на Европскиот Парламент, комисијата за правни прашања требала да формулира препораки до кандидатите како да го решат утврдениот конфликт на интереси, и бара нов состанок на членовите. Пратениците од оваа парламентарна комисија, пак, оценија дека овој став на претседателот на ЕП претставува притисок врз нив за да ја сменат нивната одлука.

Претседателот на Парламентот теоретски сега треба да и упати писмо на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн, со препорака да поднесе нови имиња.

И покрај оваа конфузија околу процедурата се чини неизбежно дека Романија и Унгарија ќе мораат да поднесат нови предлози за еврокомесари.