Денеска штрајк ќе ја парализира Грција


Синдикати, федерации и здруженија на работници од Грција, за денеска закажаа генерален 24-часовен штрајк што ќе ја парализира земјата.

Штрајкот е одговор на планот на владата да донесе закон што содржи измени во законот за синдикатите, за колективните договори и здравственото осигурување. Паралелно бараат покачување на платите и пензиите, постојани вработувања и запирање на приватизациите.

Во 24-часовниот штрајк учествуваат вработените во државните болници, во здравствените центри и итната помош, службениците во банките. Бродовите од 6 часот наутро ќе останат закотвени на пристаништата, а проблеми ќе има и во јавниот превоз во Атина, со оглед на тоа што автобусите тролејбусите учествуваат во штрајкот, метрото ќе сообраќа од 9 до 21 часот, а трамвајот од 7 до 23 часот.