Денеска протест за солидарност со Украина пред руската амбасада во Скопје
По масовните протести во повеќе градови во светот, но и во Русија, и Македонија се приклучува кон антивоеното движење и поддршката на мирот во Украина.
Протестот во Скопје ќе почне во 14.30 на плоштадот „Македонија“ по што ќе се маршира до руската амбасада. Протестот го организира украинската дијаспора во Македонија.
-Ние, Украинците во Македонија, излегуваме денеска на протест. Да изразиме поддршка на нашите роднини, пријатели, кои се изложени на брутален напад. Да кажеме СТОП за војните во 21 век. Да кажеме СТОП за трета светска војна и НЕ за страдањето што низ цела Европа може да го донесе агресијата што сега се случува врз невино население во Украина.
Се собираме на плоштадот во Скопје денеска, 25 февруари, 2022 година, во 14.30 часот. Потоа во 15.00 часот одиме пред Руската амбасада – повикуваат организаторите.
Вчера, вакви протести се одржаа во Белград, Подгорица, Тирана, Приштина…
Демонстранти се собраа и на улиците на Токио, Истанбул, Мадрид, Прага, а се протестираше и во повеќе градови во Франција, Холандија и Кипар.
Овие протести најчесто се организирани од украинската дијаспора која бара мир за својата татковина.