Почнува хашкиот процес против поранешен претседател на Косово, Тачи


Хаг- Денеска во Хаг, пред специјалниот косовски суд за злосторства на припадниците на ОВК, почнува судскиот процес против поранешниот командант Хашим Тачи. Покрај него, за злосторства против Албанците, Србите и Ромите на Косово и во Албанија во периодот 1998/99, се обвинети и членовите на главниот штаб на ОВК, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.

Воведниот збор на првиот ден од процесот е предвиден за адвокатите на тужителите, а во текот на работната недела ќе говорат и 140 жртви кои добија одобрение да учествуваат во судењето. Исказот на првиот сведок е планиран за 11 април.

Судечкиот совет, со кој претседава американскиот судија Чарлс Смит, одреди рок за тужителите до април во 2025 година, да испитаат над 300 сведоци против Тачи и останатите обвинети.

Според обвинението, Тачи, Весели, Селими и Красниќи се товарат за сторени злодела во 42 нелегални притвора на ОВК во Косово и во Албанија, над 407 притвореници од кои најмалку 98 се убиени од март во 1998 година до септември во 1999 година. Обвинителите неодамна објавија идентитет на 75 жртви од кои 51 од српска националност, 23 Албанци и еден Ром.

Тачи, Весели, Селими и Красниќи, во десетте точки од обвинението, се обвинети за прогон на политичка и етничка основа, затворање, незаконско апсење и притворање, други нехумани постапки, сурово постапување, присилно исчезнување, мачење и убиства. Кривичните дела во шест точки се квалификувани како злосторства против човештвото, а во четири како воени злосторства.

Обвинетите, во периодот што е опфатен со обвинението, биле членови на Главниот штаб на ОВК – Тачи како политички коемсар, а подоцна и командант, Весели како шеф на разузнувачката служба, Селими како главен оперативец и Красниќи како заменик командант и портпарол.

Во привремената влада на Косово, што беше прогласена во март во 1999 година, Тачи беше премиер, Весели министер за разузнувачки работи, Селими министер за внатрешни работи, а Красниќи портпарол. Сите се изјаснија како невини за злосторствата за кои се товарат во обвинението.