Денеска ќе се прогласува епидемија во целата држава?


Според податоците на Институтот за јавно здравје минатата недела во државава биле регистрирани рекордни 126 новозаболени граѓани со морбили, од кои половината се од Скопје. Освен децата, морбилите не ги одминаа и возрасните кои претходно биле вакцинирани со една доза на МРП-вакцина. Од почетокот на епидемијата во декември 2018 година досега, над 970 граѓани заболеа од морбили, а вкупниот број вакцинирани на возраст до 14 години со МРП-вакцина е 19.461. Активни епидемии на мали сипаници во моментот има во шест здравствени региони, и тоа во Скопје, Тетово, Куманово, Гевгелија, Кичево и Струга. Комисијата за заразни болести денес ќе има состанок на кој ќе се разговара и за болеста во земјава која не стивнува. Дали ќе биде прогласена епидемија на морбили на територијата на цела држава, ќе се знае по заклучокот од состанокот, кусо рече министерот за здравство Венко Филипче.

Само во текот на дежурството за викендот, лекарите регистрирале морбили кај 14 пациенти, а од нив петмина биле примени на болничко лекување. Од Министерството за здравство велат дека две деца од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се префрлени на Клиниката за детски болести – едното е десетмесечно бебе, а другото, четиригодишно дете од Сарај, кое е во потешка состојба поради респираторна слабост.

„Примените на болничко лекување се двегодишно дете, невакцинирано од Гостивар, четиригодишно дете од село Крушопек, Сарај, исто така невакцинирано, како и десетмесечно дете од село Ињево, Радовиш со церебрална парализа. Последниве две деца се префрлени на Клиниката за детски болести, каде што се упатени од Инфективна клиника, десетмесечното бебе е поставено на механичка вентилација, а другото е во потешка состојба, со респираторна слабост. На Инфективната клиника се хоспитализирани и седуммесечно бебе од Чаир, исто така невакцинирано, како и 28-годишен пациент, невакциниран, од Студеничани. Амбулантски прегледани се тримесечно бебе од Петровец, како и две деца, едното четиригодишно, а другото шестгодишно, невакцинирани од Скопје. Со морбили заболеле деца од 12,14,16 години, вакцинирани, а другите се возрасни од 20 до 38-годишна возраст, невакцинирани или без податок за вакцини“, велат од Министерството.

На Инфективната клиника моментално хоспитализирани се вкупно 54 пациенти, од кои 26 се деца, а 28 возрасни. Со потешка клиничка слика има две деца со морбили и пневмонија и едно со воспаление на ушите, кое како компликација има и белодробна опструкција. Со потешка клиничка слика се и две возрасни пациентки, една со морбили и пневмонија, а друга со морбили и ларингитис, компликации што им се јавиле од сипаниците.

Директорката на Државниот санитарен здравствен инспекторат, пак, Ирина Сотирова-Бухова, вели дека во првите три месеци Инспекторатот поднел 20 пријави за родители кои не ги вакцинирале своите деца против морбили.

„Во првиот квартал од 2019 година, од вакциналните пунктови на територијата на цела држава до ДСЗИ се стигнати само 20 претставки за невакцинирани деца. ДСЗИ ги повикува родителите на невакцинираните деца во одреден ден да дојдат и да платат мандатна казна, тоа е најчесто 300 евра, но ако ја платат до пет дена, сумата е 150 евра. Од 20-те повикани, девет дошле, ја платиле казната, а 11 не се појавиле. За сите тие 11 имаме поднесено прекршочни пријави до соодветните судови“, вели Сотирова-Бухова.

Сè уште е непознато колку деца примиле вакцини со погрешни декларации

Основното јавно обвинителство отвори предмет по допрен глас за вакцините со погрешни декларации. Оттаму велат дека надлежниот јавен обвинител упатил барање за дополнителни податоци до Министерството за здравство, од кое се бара да изврши проверка во здравствените домови низ државата и да утврди колкумина од вкупната бројка од 33.200 вакцини МРП (Priorix), кои биле примени на 3.4.2018 година во „Македонија лек“ и пуштени во употреба во здравствените домови, биле употребени врз пациенти, како и дали имало пријавено какви било штетни последици.

„Доколку имало какви било невообичаени последици кај одделни корисници на вакцината, треба да се обезбедат податоци кај кои пациенти било тоа, во кои здравствени домови, како и да се обезбеди целокупната нивна медицинска документација, во оригинал или со заверен препис“, подвлекуваат од Обвинителството.

Дополнително, јавниот обвинител издаде наредба за вештачење на исправноста на вакцините и на нивната евентуална штетност врз здравјето на пациентите.

„Вештачењето, согласно со наредбата, треба да го извршат Центарот за испитување и контрола на лекови при Фармацевтскиот факултет во соработка со лабораторија од друга земја членка на OMCL-мрежата на официјални лаборатории за контрола на лекови, како и Агенцијата за лекови и медицински помагала МАЛМЕД. Притоа, за да може да се спроведе постапката за вештачење, од Министерството за внатрешни работи е побаран пристап до карантинот во ‘Македонија лек’ , каде што се чуваат повлечените вакцини што ќе бидат предмет на испитување“, наведоа од ОЈО.

Вероника Мароска-Леова