Денеска и утре упис на полуматурантите во средните училишта


Во средните училишта  денеска и утре е првото пријавување за запишување ученици во прва година средно образование во учебната 2019/2020 година. Ранг-листите со резултатите од запишувањето и слободните места од првото пријавување ќе бидат објавени на 19 јуни. Второто пријавување и запишување на учениците е на 24 и 25 јуни, а третото  на 1 јули.

Конкурсот на Министерството за образование и наука обезбедува 35.690 ученички места, од кои 24.581 на македонски наставен јазик, 10.123 на албански наставен јазик, 952 на турски наставен јазик и 34 на српски наставен јазик.

За гимназиско образование се предвидени  10.713 слободни места. Покрај тоа, за стручно образование во четиригодишно траење,  слободни се 18.365 слободни места, за стручно образование во тригодишно траење 5.490, а за стручно образование во двегодишно траење има 408 места.

Министерството за образование и наука најави дека од следната учебна  година во сите средни стручни училишта ќе почнат да се реализираат новите наставни планови и 1.040 модуларно дизајнирани наставни програми за стручно образование со четиригодишно траење кои предвидуваат воведување на учењето преку работа во трета и четврта година, како интегрален елемент во системот на техничкото образование и зголемување на учеството на практичната настава и вежби за учениците. Апелираа до учениците да се запишуваат во средните стручни училишта, оти со образованието со кое ќе се стекнат ќе станат конкурентни на пазарот на труд.