Денеска гласаат болните и изнемоштените во вториот круг
Вториот круг од локалните избори во земјата ќе се одржи утре, додека денеска вообичаено први гласаат болните и изнемоштените, затворениците и лицата во старските домови.
Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК), денеска треба да гласаат 4.826 болни и изнемоштени лица, чии барања се одобрени од општинските изборни комисии.
Ќе гласаат и затворениците и лицата во домашен притвор од општините каде се бираат градоначалници.
Во вториот круг од локалните избори 2025 в недела се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници.
Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Изборите ќе ги следат 1.598 меѓународни и странски набљудувачи, од кои 933 странски и 651 меѓународни.
Во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и во Центар Жупа изборите за градоначалници пропаднаа, бидејќи не беше исполнет цензусот на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи.
За овие четири места, ќе има нови избори кои ќе треба да се распишаат и организираат, откако ќе бидат објавени конечните резултати од денешниот втор круг.
Излезноста во првиот круг беше 46,5 проценти.