Денешниот напад во Ерусалим го извршило 13 годишно момче


Тринаесетгодишник од источен Ерусалим отворил оган на влезот од археолошкиот музеј Давидов град во близина на Ерусалим. Во нападот се ранети татко и син, а малолетниот напаѓач бил убиен од страна на двајца цивили кои имале дозвола за употреба на оружје. Претходно беше соопштено дека бил ликвидиран од страна на полицијата.

Нападот се случи помалку од еден ден по најсмртоносниот напад во градот од 2008 година. Вчера Палестинец уби седум лица пред синагога, а 10 лица беа повредени. Израелската војска денеска соопшти дека го зголемува бројот на војници во окупираниот Западен Брег каде што живеат претежно Палестинци.

Повредените со возило на итна помош се пренесени во болница во тешка состојба. Напаѓачот пукал со полу-автоматски пиштол, кој израелските служби го објавија на социјалните мрежи.

Инаку, вчерашниот инцидент дојде откако ден претходно, израелските сили убија девет Палестинци, вклучително и најмалку еден цивил, за време на воен напад во Џенин, градот на Западниот Брег, кој стана жариште на вооружениот палестински отпор. Во четвртокот вечерта, милитантите во Појасот Газа истрелаа најмалку 13 ракети врз Израел, што предизвика нови стравувања од пошироко насилство.

Инцидентот во Ерусалим наиде на остра осуда од американскиот Стејт Департмент, a го осудија и Европската Унија, Франција, Велика Британија и официјална Москва.