Денес почнува теренската вакцинација во Скопје

Во животно загрозувачка состојба и натаму е шеснаесетгодишнoто момче заболено со морбили кое дише преку апарати. Момчето е невакцинирано, има церебрална парализа и пневмонија која му се јавила како компликација од сипаниците, а е хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Од Министерството за здравство велат дека на одделот со потешка здравствена состојба има уште шест други пациенти, тројца возрасни и три деца, кои добиле компликации откако заболеле од мали сипаници. Во критична состојба поради морбилите е и единаесетмесечно бебе, кое е приклучено на апарати на Клиниката за детски болести.

„На Клиниката за детски болести хоспитализирани се 11 пациенти заболени со морбили, а единаесетмесечното бебе кое има морбили сè уште е на респиратор и е во тешка состојба“, посочи директорката на Клиниката, д-р Катaрина Ставриќ.

На Институт за белодробни заболувања кај децата – „Козле“ хоспитализирани се шест деца заболени со морбили од три и пол месеци до шестгодишна возраст. Во критичка состојба нема ниту едно дете. Сите се лекуваат според строгиот протокол за лекување морбили, вели директорот на Институтот, д-р Ангелчо Андоновски.

Во последното деноноќие, односно во текот на дежурството од саботата кон неделата, лекарите на Инфективната клиника кај 12 пациенти регистрирале морбили, од кои петмина биле задржани на болничко лекување. Од Министерството велат дека хоспитализирани се осуммесечно бебе од Гостивар, невакцинирано, и 33-годишен пациент од Општина Центар, за кој нема податок за примени вакцини. Од Општина Студеничани на болничко лекување се осуммесечно девојче и нејзиниот двегодишен брат, невакцинирани, како и уште едно невакцинирано двегодишно дете и пациент на 37-годишна возраст без евиденција за вакцини.

„Амбулантски прегледани и пуштени на домашно лекување се две деца и пет возрасни од Скопје, главно невакцинирани или без податок за примени вакцини. На Клиниката за инфективни болести во моментов има вкупно 32 пациенти, 16 деца и 16 возрасни“, подвлекоа од Министерството.

Теренската вакцинација на учениците од основните и средните училишта во градовите од внатрешноста почна во петокот од страна на тимови од здравствените домови. Во Скопје теренската вакцинација ќе почне од денеска. Од Здравствениот дом – Скопје уште во петокот ги известиле скопските основните училишта „Петар Поп Арсов“ и „Јан Амос Коменски“ дека в понеделник таму ќе биде организирана вакцинација на учениците. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека за време на вакцинацијата можат да присуствуваат и родителите, а треба да дадат согласност за детето да биде вакцинирано. Но, нагласи, дека граѓаните што се невакцинирани се во исклучително висок ризик да заболат, па затоа треба да се вакцинираат, со што ќе се зголеми колективниот имунитет. Мерките за невакцинираните деца за прием во градинките и во училиштата не се препорака, туку забрана, порача тој.

Поради компликации со морбили, досега починаа три деца. За да не се случуваат вакви епидемии, според Филипче, потребен е повисок процент на вакцинација од над 97 отсто.

„За жал, процентот на вакцинирани за морбили беше 82 отсто, што укажуваше дека колективниот имунитет е сериозно опаднат“, наведе Филипче.

Претседателката на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова, нагласи дека од почетокот на годинава до Агенцијата за лекови и медицински стигнале две пријави за несакани реакции од вакцината МРП, за зголемена телесна температура и мали болки, додека лани стигнале само три пријави. Потсети дека родителите треба да бидат сигурни и во квалитетот и во безбедноста на вакцината.

Во изминатиов период имало недостиг од некои типови вакцини, меѓутоа во текот на седмицата била дистрибуирана нова набавка. Министерот Филипче уверува дека во сите вакцинални пунктови има вакцини во доволни количества.

Во моментов има речиси 1.100 граѓани заболени од морбили, а од почетокот на епидемијата во декември минатата година се вакцинирани 73 отсто од невакцинираните деца. Во државава МРП вакцина немаат примено 22.612 деца на возраст до 14 години. Во текот на неделата беа пријавени вкупно 121 пациент со мали сипаници, од кои 79 се од Скопје. Она што е потребно е да се засили вакцинацијата на предучилишните деца надвор од Скопје, каде што од 19.494 невакцинирани, вакцинирани беа само 5.129 деца.

Вероника Мароска-Леова