Денес осум години од Црниот понеделник


Денеска се навршуваат осум години од „црниот понеделник“ кој се случи на 24 декември 2012 година, кога тогашната опозиција СДСМ организираше протести против поднесувањето на владиниот предлог-буџет за 2013 година, каде со непрекинато зборување се обидеа да го одложат ова гласање.Од партијата вчера истакнаа дека овој ден го паметат како „голем удар врз демократијата, врз Собранието, човечкото достоинство, слободата на говорот, и слободата на избор на граѓаните“.

„Да не се заборави и никогаш да не се повтори!“, додаваат од СДСМ.

За потсетување, на овој ден во собраниската сала влегле голем број на лица од собраниското обезбедување, како и полицајци, кои насила ги исфрлија пратениците на опозицијата за да го изгласаат  буџетот за идната година. Утрината покрај поддржувачите на опозицијата, пред зградата на Парламентот се организираше и контра-протест од страна на „Фронтот на народот“, кои беа за донесување на буџетот.

Ситуацијата ескалираше окако опозициските пратеници се обидуваа со непрекинато зборување и создавање неред да го одложат гласањето за буџетот. Тие тврдеа дека целосно е нарушена процедурата за негово носење, најпрвин во собраниските комисии каде што не беа поминати огромен број амандмани што тие ги поднесоа.Собраниското обезбедување во еден момент влезе во галеријата каде што беа сместени новинарите и ги „замолија“ да ја напуштат „од безбедносни причини“. Некои од новинарите излегоа доброволно, а некои беа исфрлени со сила.Веднаш потоа во собраниската сала влегоа голем број лица од собраниското обезбедување, но и полицајци во цивилна облека. Тие, еден по еден, насила ги исфрлија пратениците на опозицијата.

-Слободата и демократијата немаат цена.Пред осум години, на денешен ден беше нападната македонската демократија, пратениците и Собранието под удар на режимската репресија. 24 декември, црниот понеделник е паметник за вистинското лице на насилничката, режимска матрица на ВМРО-ДПМНЕ.Таквиот однос кулминираше години подицна, на 27 април, со насилниот упад во законодавниот дом и обидот за убиство на пратеници, новинари и вработени во Собранието.Денеска, осум години подоцна многу работи се променети во нашата татковина.Собранието денеска е дом каде царува дебатата, а не насилството.Ја живееме слободата.Новинарите слободно и независно известуваат, пратениците слободно работат, без стрв од упади и насилни исфралања. Редот, правдата и дисциплината се нови вредности, напиша премиерот Зоран Заев.

И министерот за внатрешни работи по повод овој ден испрати порака преку својот Фејсбук профил.

-Навршуваат 8 години од 24 декември – црниот понеделник.Да не се заборави и никогаш да не се повтори!Овој ден е потсетник на вистинското криминално и насилничко лице на ВМРО-ДПМНЕ. Народот не заборава.Режим никогаш повеќе!, напиша Спасовски.

За ова насилство не одговараше никој, а тоа беше увод во нападот што се случи потоа на 27 април, кој беше обид за државен удар.