Денес ќе се знае новото раководство на СДСМ

Според она што се најавува, новиот лидер Димитар Ковачевски прави спој на повеќе генерации партиски членови и нови, но искусни лица


 

Вечерва на седница на Централниот одбор на СДСМ конечно ќе завршат партиските комбинаторики и ќе се знае како ќе изгледа новото раководство на партијата. Според она што се најавува, новиот лидер Димитар Ковачевски прави спој на повеќе генерации партиски членови и нови, но искусни лица. Се очекува дури половина од Извршниот одбор на СДСМ да биде подновен.
Разични профили на личности, нови лица, општествено познати, докажани во своата област, но и спој на повеќе генерации партиски членови.Лидерот Ковачевски ги внесува Мишко Ралев, декан на Факултетот за архитектура и дизајн, се уште актуелен претседател на Асоцијацијата на архитекти и Леонид Наков, професор на Економскиот факултет во Извршниот одбор на партијата. Од старите и искусните, влегуваат според некои оценки „отпишаните кадри на екс лидерот Бранко Црвенковски, Андреј Петров, Игор Ивановски и Миле Зечевиќ.

На потпретседателските позиции исто така се очекуваат промени.Вицепремирот Фатмир Битиќи, градоначалникот на Валандово Петар Костадинов, пратеничката од Битола Бисера Костадинова Стојчева како и и Стефан Богоев, поранешниот градоначалник на Карпош се споменуваат како најсигурни кандидати за потпретседатели на СДСМ. Сања Лукаревска останува заменик претседател на партијата со оглед дека таа има конгресен мандат.

Извесно е дека Бојан Маричиќ ќе ја задржи досегашната позиција секретар за меѓународна соработка, а предлогот за нов организациски секретар се очекувало да го даде Зечевиќ. Оливер Спасовски минатата недела и самиот изјави дека не треба да биде дел од новиот партиски тим. Социјалдемократите  очекуваат промените во раководство на партијата да донесат нова енергија, свежина, реструктуирање и раздвижување

Ова е прв случај во тридецениската историја на партијата, кога во исто време треба да се избираат и кадри за партиските тела и органи, и кадровски адути за состав на идната влада. Изборот на кандидати за министри ќе се најде пред Централниот одбор неколку дена подоцна, а одлуката што се очекува од денешната седница на ЦО на СДСМ – е да му даде овластување на новоизбраниот партиски лидер, Димитар Ковачевски, да биде мандатар за состав на новата влада.

На истата седница треба да се изберат и нови партиски потпретседатели, секретари, членови на Извршниот одбор. Она што го потврдуваат од СДСМ е дека на три од четирите потпретседателски позиции ќе дојдат нови лица, а нови кадри ќе има на две од трите секретарски позиции.