Денес ќе биде погребан Амди Бајрам, апел да се почитуваат мерките за епидемијата


Општината Шуто Оризари денешниот ден  ќе го прогласи за ден на жалост во чест на починатиот Амди Бајрам. Амди Бајрам ќе биде погребан денеска на гробиштата во Бутел, а од неговиот дом ќе тргне  погребната поворка. По социјалните мрежи се споделува повикот сите Роми и не-Роми да се придружат на поворката од 14 часот.

Министерството за здравство вечерва информира дека откако кај починатиот Амди Бајрам постмортем е утврдено дека истиот бил позитивен на Ковид-19, Центарот за јавно здравје-Скопје ги презема сите мерки за заштита и спречување на натамошно ширење на инфекцијата во и вон неговото семејство и сите оние кои во изминатиот период имале интензивни и блиски контакти со починатиот.
Од страна на ЦЈЗ Скопје, согласно редовната постапка во вакви случаи, итно ќе биде спроведена епидемиолошка анкета со најблиското семејство на починатиот со цел точна и детална идентификација на контактите во изминатите денови. Со анкетата, ќе биде направена евалуација на степенот на ризик и ќе биде дадена препорака за тестирање, односно самоизолација за неговите контакти. Согласно анкетата, Државниот санитарен и здравствен инспекторат веднаш ќе издаде решенија за изолација за лицата за кои таа ќе биде одредена, велат од Министерството.
Министерството за здравство  апелираше исто така,, во интерес на заштита на нивното здравје, семејството во целост да соработува со надлежните служби. Дополнително, да се избегнат сите погребни ритуали, а погребот да се спроведе согласно протоколите, како превенција од натамошно ширење на инфекцијата од Ковид-19.