Денес е Светски ден на влекачите: Што знаеме за поскокот?
Денешниот Светски ден на влекачите го посветуваме на поскокот (Vipera ammodytes) – една од најшироко распространетите и најпрепознатливи змии кај нас, информираат од Македонското еколошко друштво.
Карактеристичен по ромбовидни шари на грбот и малото рокче на врвот од главата, поскокот најчесто сака да населува суви и каменити предели, каде што живее прикриено од март до октомври, додека пак зимата ја поминува во хибернација. Се пари напролет, а женките раѓаат од 4 до 20 живи младенчиња.
Иако често предизвикува страв кај луѓето, поскокот има важна улога во одржувањето на природната рамнотежа. Неговата исхрана се состои претежно од глодари, поради што претставува природен сојузник на земјоделците во контролирањето на нивните популации.
Сепак, стравот од неговиот отров често доведува до негово прогонување и убивање. Затоа, важно е да се подигне јавната свест за неговата улога во природата, но и за тоа дека каснувањето најчесто се случува кога змијата ќе биде вознемирена или загрозена. Најбезбедно е да се држиме на растојание и да ѝ дозволиме сама да се повлече.
Следењето на популациите на поскокот ни дава важни сознанија за состојбата на екосистемите од кои зависи. Заштитувајќи го поскокот, придонесуваме за зачувување на природната рамнотежа и богатото биолошко наследство на регионот.
Активностите за мониторинг на биолошката разновидност во Преспа се поддржани преку проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ). Партнери во имплементацијата на проектот се Македонско еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Имплементацијата на проектните активности е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.