Дендиас слетал во Триполи, кога видел кој го чека – одлетал


Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас слета во Триполи во Либија, но откако бил информиран дека неговиот либиски колега, кој има блиски врски со Турција, го чека на аеродромот, му наредил на пилотот повторно да полета, јавија грчките медиуми.
Дипломатскиот инцидент најверојатно дополнително ќе ги влоши и онака заладените односи меѓу Грција и администрацијата во Триполи.

Либија со години е поделена меѓу Владата на национален договор (ГНА) со седиште во Триполи, поддржана од ОН, предводена од Фајез ал-Сараџ, и бунтовничкиот генерал Калифа Хафтар, „моќниот човек на истокот“ со седиште во Бенгази и лидер на Либиската национална Армија (ЛНА).

Турција, која не ужива добри односи со Грција, има блиски врски со ГНА, а Анкара ѝ обезбеди опрема и разузнавачки информации, помагајќи да се спречи едногодишната кампања на Хафтар да го заземе главниот град.

Минатиот месец Турција потпиша прелиминарен договор со либиската влада во Триполи за истражување на нафта и гас во близина на либискиот брег – без да прецизира дали истражувањата ќе се одвиваат во водите јужно од Грција, каде што Атина вели дека Турците немаат право да бидат.

Дендиас во тоа време ја обвини Турција дека ја искористува „турбулентната ситуација во Либија за дополнително да ја дестабилизира безбедноста во медитеранскиот регион и да воспостави регионална хегемонија“.

На ова патување, Дендиас првично планираше да го посети само Бенгази, но ривалската влада во Триполи инсистираше тој да замине.Грчкиот министер се согласил, но под еден услов, кој го наведоа дипломатските претставници: да се сретне само со Мохамед ал Менфи, претседател на Претседателскиот совет на Либија и поранешен амбасадор во Грција.

Дендиас не сакаше да се фотографира со Најла Мангуш, министерката за надворешни работи на Триполи и која го потпиша договорот за енергетско истражување со Турција.

Тоа беше „планот А“. На Дендиас му требаше брз „план Б“ кога неговиот авион слета на инаку тивкиот аеродром и го чекаше голема толпа фотографи. Но, него исто така го чекаше токму Мангуш! Дендиас откако дознал за ова, му соопштил на пилотот дека оваа конкретна посета е завршена уште пред да започне.

Меѓутоа, за работите да бидат уште понезгодни, авионот на Дендиас мораше да чека околу еден час на асфалтот пред да се упати кон Бенгази бидејќи контролата на воздушниот сообраќај во Триполи не го одобри нејзиниот план за летање.

„Во изненадувачка ситуација грчкиот министер одби да излезе од својот авион и се врати од каде што дојде без никакви објаснувања“, соопшти либиското Министерство за надворешни работи. Се додава дека „го жали ваквото однесување и ќе преземе соодветни дипломатски мерки за зачувување на суверенитетот на Либија“.