Дендиас: Потребно е зајакнување на соработката во регионот за безбедносните прашања


Потребата за зајакнување на соработката во безбедносните прашања и за промовирање на демократските реформи и човековите права во рамките на европската перспектива на регионот, зајакнување на поврзаноста меѓу земјите, како и за заедничко решавање на политичките и економските последици од пандемијата, биле темите на кои се осврнал министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас за време на состанокот на Процесот за соработка на Југоисточна Европа, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија им соопштил на учесниците на состанокот дека Грција е подготвена да го преземе претседателството со процесот во периодот од 1 јули 2021 година до 30 јуни 2022 година.

– Во врска со економските предизвици што ги создаде пандемијата и во духот на она што произлезе од втората конференција на Форумот „Солун 2020“, детално разговаравме за можноста за регионална координација за прашањата поврзани со инвестициите, конкурентноста и движењето, со цел што е можно поскоро нашите економии да се вратат на развојниот пат, вели Дендиас во писмената изјава по состанокот.

Истакнал дека сите земји треба заедно да работат за да се спречи појавата на иселувања на младите во странство, бидејќи, како што вели, „ова прашање е директно поврзано со економската и општествената иднина на регионот“.