Дендиас ја презеде функцијата министер за надворешни работи на Грција


Надворешната политика не е соодветна за партиски конфронтации, ние како Влада ќе се стремиме кон најголем можен консензус, рече новиот шеф на грчката дипломатија, Никос Дендиас за време на преземањето на функцијата од неговиот претходник, Јоргос Катругалос во Министерството за надворешни работи на Грција.

-Надворешната политика не е соодветна за партиски конфронтации. Би сакал да ги уверам и господинот Катругалос и неговите соработници и сите вас, дека Владата на Мицотакис ќе се стреми кон консензус во надворешната политика, со цел најголема можна национална обединетост во врвното прашање на одбрана на правата на земјата, рече новиот шеф на грчката дипломатија и додаде дека заедно со неговите соработници, двајцата заменици министри и алтернативниот МНР ќе работат на одбрана на интересите на земјата.

Во кусата изјава, Дендиас, не се осврна конкретно и детално на прашањата од грчката надворешна политика.

-Немам намера да го искористам обраќањето на ритуалот за изразување став за суштината на широките и сложени прашања на нашата надворешна политика, рече Дендиас, пренесе МИА.

-Господине Министре, добредојдовте во вашето Министерство, му рече Катругалос на Дендиас на почетокот од неговото обраќање.

Сега веќе поранешниот шеф на грчката дипломатија во говорот го спомена и Договорот од Преспа.

-Се обидовме и мислам дека успеавме да го направиме посилен и повеќе да се почитува гласот на татковината, да се гледа дека решаваме проблеми, дека не сме само демократска и стабилна земја, туку извозник на стабилност од Балканот и Договорот од Преспа, до Источниот Медитеран, рече Катругалос и го потсети неговиот наследник дека првата голема битка ќе ја има на 15 јули во Советот на министри за надворешни прашања.