Дендиас: Грција доби едногласна поддршка од нејзините партнери


Грција доби едногласна поддршка од сите нејзини партнери. Важно беше што за време на неформалните разговори, бидејќи станува збор за неформален совет, кој не завршува со одлуки, постоеше јасна клима, клима што беше целосно поддржувачка за земјата, рече министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас по завршувањето на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ (Гимних) што се одржува во Берлин, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас објасни дека високиот претставник на ЕУ за надворешна политика презентирал идни санкции за Турција кои ќе бидат претставени на Самитот на ЕУ на крајот на септември, доколку дотогаш нема деескалација од турска страна.

-Мислам дека грчката страна го доби она што можеше да го добие од овој состанок, истакна шефот на грчката дипломатија.

Паралелно изрази надеж дека Турција „ќе ѝ се врати на логиката, ќе прекине со прекршувањата на меѓународното право“, со што ќе се овозможи и почеток на дијалог за единствената разлика меѓу двете земји, односно за континенталниот гребен.