Дендиас: Единствено Турција е одговорна за ескалацијата на тензиите

Предуслов за да имаме деескалација е Турција да го напушти грчкиот континентален гребен, порача министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас по вонредниот состанок на Советот за надворешни прашања на ЕУ и по средбите со американскиот државен секретар Мајк Помпео и шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг , јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас додаде дека единствено Турција е одговорна за тензиите, ја милитаризира ситуацијата и има недостиг на правни аргументи.

-На господинот Помпео, како и на моите европски соговорници им истакнав дека Турција е единствената одговорна за ескалацијата на тензијата во Источниот Медитеран и мора веднаш да го напушти грчкиот континентален гребен. Ова е неизбежен предуслов за да можеме да имаме деескалација на ситуацијата, рече Дендиас и додаде дека оваа позиција ја делат сите негови соговорници и беше потврдена на вонредниот Совет на министри за надворешни работи на ЕУ.

Шефот на грчката дипломатија објасни дека се составува листата со санкции што Грција ја побара од Европската унија, а целта е „да постои спремна алатка во ЕУ, доколку биде потребно“.

-Алатка што ќе ја натера Турција да се врати на патот на легитимноста и меѓународното право, истакна Дендиас.

Во изјавата по средбите во Виена со Помпео и Шаленберг и учеството на состанокот со неговите колеги од ЕУ, шефот на грчката дипломатија повтори дека Грција е отворена за дијалог со Турција, „но, секако не под притисок и уцена“.