Ден за високи гости на вежбата „Seven stars 2022“ на Криволак


Во присуство на заменик министерот за одбрана Башким  Хасани, заменик началникот на Генералштабот на Армијата генерал мајор Азим Нуредин и повеќе странски претставници, на армискиот полигон Криволак денеска беше реализиран денот за високи гости, во рамките на вежбата „Seven stars 2022“, во организација на Командата на бригадата за Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ), што е стационирана во Република Северна Македонија. Станува збор за компјутерски асистирана вежба, што се одржува секоја втора година и е една од главните активности за обука на СЕЕБРИГ.
 
Како што претходно соопштија од Генералштабот, оваа вежба од  меѓународен карактер, има за цел подобрување на оперативните способности на командата на бригадата и придодадените единици во нејзиниот состав, со цел подобрување на интероперабилноста при учество во операции за поддршка на мирот, хуманитарни асистенции и операции за одговор при катастрофи.
 
 
На вежбата, што ќе се изведува до 10 октомври со целосна поддршка на Армијата на Република Северна Македонија,  учествуваат повеќе од 200 цивилни и воени припадници на земјите членки на СЕЕБРИГ, како и набљудувачи од НАТО командите за брзо распоредување во Грција и Турција, ОБСЕ и слични мултинационални команди.
 
– Во текот на вежбата се извежбуваат НАТО процедури при командување и контрола помеѓу командата и придодадените единици во состав на СЕЕБРИГ, преку компјутерски симулирани вежби и вежби на карта во Центарот за симулација во составот на Командата за обука и доктрини во касарната „Алексо Дамниевски Бауман“ во Велес, како и на армиските капацитети во касарната „Боро Менков“ во Куманово и армискиот полигон „Криволак“, појаснија од ГШ на Армијата.
 
На денот за високи гости, беше кажано дека се работи за теренска вежба што е динамична демонстрација на активности на тактичко ниво, на придодадената единица на СЕЕБРИГ од составот на Армијата на земјата домаќин.
 
 Притоа беше нагласено дека со вежбата „Seven stars 2022“ се зајакнуваат способностите на СЕЕБРИГ за соработка и стабилност во Југоисточна Европа и воедно се демонстрира подготвеноста, за учество во операции за поддршка на мирот, во случај на барање на Обединетите нации и ОБСЕ.
 
 
Беше потсетено дека бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на договорот за регионална соработка на полето на одбраната, познат како договор за мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), кој во 1998 година во Скопје го потпишаа министрите за одбрана на Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Северна Македонија, Романија и Турција.
 
Беше потсетено исто така дека локацијата на командата на СЕЕБРИГ, која е на ротациона основа, е во касарната „Боро Менков“ во Куманово во период од 2020-2026 година, со што Армијата на Република Северна Македонија покрај учеството на свои единици и штабни старешини во СЕЕБРИГ, се покажува како одговорен домаќин во овој шестгодишен период. Дека единиците кои се назначени во бригадата остануваат на своите постојани домашни базични локации и се обврзани со принципот на наменски сили за вежби и операции, по одлука на земјите учеснички и соодветната директива од политичко-воениот управен комитет (ПВУК), а позицијата командант на СЕЕБРИГ ротира помеѓу земјите учеснички, на тригодишен период.