Ден пред собирот Вучиќ им се извини на студентите за работите што ги кажа за нив
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес во обраќање до јавноста изјави дека му е жал за работите што им ги кажал на демонстрантите и студентите, и уште еднаш ги повика граѓаните на дијалог по 1 ноември. За утре е закажан голем комеморативен собир на годишнината од падот на настрешницата во Нови Сад и таму се слеваат реки луѓе од цела Србија. Уште вечерва градот е полн со студенти и граѓани. Се очекува утре таму да бидат неколку стотици илјади луѓе.
Вучиќ рече дека пред една година Србија доживеа ужасна трагедија и ги наведе имињата на шеснаесет жртви од падот на настрешницата.
„Секој од нив, еден живот, секој од нив член на семејство, заедница, нашето општество и нашата земја, која оттогаш е вознемирена и потресена“, рече тој.
Најави дека на 1 ноември ќе оди во црква и ќе му се помоли на Бога и ќе запали свеќа за нив.
„Знам и разбирам дека во моменти на тага, некои луѓе бараат утеха на собирите. Секој одбележува и тагува на начинот на кој мисли дека е најдобар, сè додека тоа се прави на мирен и на законски начин, јас целосно го поддржувам тоа“, рече Вучиќ.
Како што рече, знае дека многумина се лути што виновниците за тој настан не се утврдени, и нагласи дека тоа е разочарувачки и за него.
„Можам да го разберам гневот, особено на семејствата на жртвите и на оние кои беа директно погодени од трагедијата“, нагласи тој, додавајќи дека за него е важно и како да се спречи повторното случување на вакви работи.
Тој истакна дека многу луѓе покажале скандалозен гнев, клеветеле, кршеле правила, користеле насилство врз другите и туѓ имот и се обиделе да ја уништат нишката на нашето општество и вредностите што нè поврзуваат.
„Во некои моменти, самиот кажав некои работи за кои жалам што ги кажав. И на студентите и на демонстрантите и на другите луѓе со кои не се согласував. Се извинувам за тоа“, рече тој.
Тој изјави дека ќе се осврне на грешките што ги направил и на работите што ги кажал.
„Целата оваа омраза што врие во нашето општество не носи ништо добро, само води кон поголемо уништување“, рече Вучиќ.
Како што нагласи, би сакал 1 ноември да помине мирно, „со повеќе тишина отколку бучава“.
Вучиќ рече дека е потребно да се открие вистината „која е поткрепена со докази“. Тој рече дека утрешниот ден не треба да биде ден што секој ќе го користи за своја политичка корист и повика на дијалог во општеството.
Студентите во блокада на Факултетот за технички науки во Нови Сад вечерва изјавија дека постои „една мала пречка“ во тоа зошто српскиот претседател Александар Вучиќ „повторно нуди дијалог и помирување“.
„Утре се очекува во Нови Сад да пристигнат 47 тима странски новинари, претежно од Европа, но и од целиот свет. Тоа е тоа“, се наведува во објавата на Икс.
„А пред еден месец, тој нареди сите да бидеме претепани и уапсени“, рекоа студентите на ФТН.