Ден по конфликтот со полицијата – повторно протести во Париз


Припадниците на француското движење „Жолти елеци“ повторно протестираа на годишнината од настанувањето на овој проект, и ден по судирот во Париз со полицијата.

Десетици демонстранти се собраа денеска на кратко пред парискиот трговски центар Галри Лафајет, каде ја критикуваа потрошувачката култура.

Министерот за внатрешни работи на Франција Кристоф Кастанер го осуди вчерашното насилство и наведе дека полицијата во Париз уапсила 173 лица.

Властите соопштија дека вчера ширум Франција протестирале околу 28.000 луѓе, од кои во Париз биле околу 4.700, додека активистите тврдат дека на улиците биле 44.000 луѓе.

Стотици илјади луѓе ги блокираа патиштата ширум земјата на 17. ноември 2018. година, протестирајќи поради најавеното зголемување на данокот на гориво. Протестите кои продолжија следните месеци станаа израз на незадоволството на граѓаните од политиката на претседателот Емануел Макрон, за кого тврдат дека им оди во прилог на богатите и големите компании.