Ден на жалост во Полска по невремето во кое загинаа најмалку пет лица


Најмалку пет лица загинаа, а над 100 се повредени при удар на молња за време на невремето во Полска, соопшти премиерот Матеуш Моравијецки.

Молњата погодила група планинари кои биле на врвот на планинскиот венец Татри, кој се наоѓа на границата меѓу Полска и Словачка. На полска страна загинаа четири лица, меѓу кои две деца, додека едно лице загина на словачката страна на планината.

Очевидци велат дека бурата се појавила одеднаш, после сончево утро. – Никој не очекуваше така нагло да избие силна бура, истакна полскиот премиер.

За време на бурата повредени се над 100 лица, а на терен се наоѓаат четири хеликоптери, јави Би би си. Најсилен удар на молњата се случи на врвот на Татрите Џиевонт, каде таа погодила во 15 метри висок метален крст.

Градоначалникот на Закопане Лешек Дорула за денеска прогласи Ден на жалост.