Ден на независноста – 34-годишнината се одбележува под слоганот „Од сон до реалност, за вечност“


Под слоганот „Од сон до реалност, за вечност“ денеска со повеќе активности во организација на Владата, се одбележува Денот на независноста – 8 Септември. Свечената академија ќе се одржи во Македонската филхармонија во Скопје, на која ќе се обрати претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

По повод одбележувањето, собраниска делегација предводена од потпретседателот Антонијо Милошоски, составена од пратениците Сергеј Попов и Славјанка Петровска, ќе положи цвеќе во вечното почивалиште на првиот претседател на Републиката, Киро Глигоров, вечното почивалиште на поранешниот претседател на Републиката, Борис Трајковски и вечното почивалиште на првиот претседател на Владата, Никола Кљусев.

Активностите стартуваа синоќа со почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од артилериски орудија од состав на артилерискиот баталјон на Армијата, во касарната „Илинден“ во Скопје.

На свеченост во Собранието во петокот беше доделена годишната награда за животно део „* Септември“ на македонскиот одбојкар, тренер и универзитетски професор Јошко Миленковски. 

Покрај Миленковски, признанија за остварувања во областа на спортот им беа врачени и на Хамид Бакија, Зоран Николовски, Виктор Тевчев и Кирил Манев.

Претседателот на Собранието Африм Гаши на приемот што го организираше во Законодавниот дом по повод Денот на независноста, упати порака за единство, сплотеност и визија за иднината на Северна Македонија. Во своето обраќање, Гаши ја нагласи важноста на суштинската сплотеност меѓу граѓаните, почитување на различностите и градење на заедничка иднина без поделби.

– Главната порака што сакам да ја упатам на оваа годишнина од независноста е сплотеноста. Ние, како млада држава, имаме потреба од многу нешта, но мислам дека пред сè и најмногу ни е потребна сплотеноста. Не униформна и погодна, туку суштинска сплотеност. Таа што ги почитува разликите и истите ги претвора во богатство, а не во поделба. Секој од нас треба да почувствува одговорност да не поттикнува поделби, туку да гради мостови, да не ја користи разликата како ѕид, туку како прозорец преку кој се гледаме поблиску еден со друг, рече Гаши.

Претседателот на Собранието нагласи дека по 34 години државност „време е Северна Македонија да се издигне на нивото што го заслужува“.

– Можеби по големина ние сме мала држава, но, сме голема по можности, аспирации и амбиции. Ние сме центарот на балканот и е време овој центар да зрачи со стабилност, култура, знаење и вредности, како што зрачеше и во нашето богато минато. Значајно и за нас и за целата човечка цивилизација, потенцираше Гаши.

Тој додаде дека независноста не е подарок, туку завет кој треба да се негува и пренесува.

-Независноста не е подарок, таа е завет – завет од минатото, обврска за сегашноста и патоказ за иднината. Таа е завет оваа земја да биде наш заеднички дом, татковина на сите нејзини луѓе, без поделби и без исклучоци. Таа е завет разликите да не нè разделуваат, туку да нè зближуваат, да нè збогатуваат, да нè прават посилни. Овој завет нè обединува и денес, и ќе нè води и утре – кон поголема слобода, кон правда и кон заедничка иднина во која секој човек ќе се чувствува свој на своето, порача Гаши на приемот во Собранието по повод 8 Септември – Денот на независноста.

Пред 34 години на денешен ден, над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава. Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание, а два дена подоцна пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија. Важни чекори за утврдување на државноста беа усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година, монетарното осамостојување и  воведувањето на денарот на 26 април 1992, формирањето на сопствени вооружение сили. Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, беше примена како 181. полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифаќаше уставното име на Република Македонија, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна Југословенска Република Македонија.

Низ 33-годишното самостојно опстојување, државата помина низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат.

Спорот со Грција поради името, по долгогодишни разговори под покровителство на Обединетите нации, конечно беше решен на 17 јуни 2018 година во Преспа со попишување договор меѓу двете држави. Со тоа се отвори патот на земјава кон НАТО и ЕУ. На 27 март 2020 година Северна Македонија стана 30 членка на НАТО. Како земја кандидат за членство во ЕУ веќе 18 години, со добиена прва препорака за почеток на преговори во 2009 година, државава сега се соочува со блокада од Бугарија. (МИА)