„Ден на италијанскиот дизајн во светот“ со гостување на илустраторот Серџо Оливоти


Со предавањето на италијанскиот архитект, дизајнер, илустратор и уметник Серџо Оливоти, под наслов „Етиката на креативноста – дизајнирање книги за деца“, во Скопје се одржа четвртото издание на Денот на италијанскиот дизајн во светот 2020, во организација на Амбасадата на Италија во Скопје, во соработка со Институтот „Данте Алигиери“.

Настанот го отвори италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри, кој истакна дека тема на годинешниот Ден на италијанскиот дијајн во светот е дизајнирањето на иднината: развојот, иновациите и одржливоста, кои истовремено се силно поврзани со проактивниот италијански дизајн и системот „Made in Italy“.

Проф. Ладислав Цветковски, претседател на Институтот Данте Алигиери, претставувајќи го Оливоти изјави дека „Серџо е личност со огромна креативност и емпатија, но и професор од кого најдобро може да се научи за важноста на слободата, како во креативниот израз, така и во животот“. Тој е, нагласи Цветковски, препознатлив по ироничните и неверојатни ликови кои ги создава, додека неговиот поетски наратив ги отсликува апсурдот и хуморот како места на потенцијален креативен раст на детето.

Во својот настап, познатиот италијански илустратор Оливоти опфати повеќе различни теми, меѓу кои: „Мистичната компонента на креативноста“, „Сите знаат да дизајнираат (лажни митови за дизајнот)“, „Како да се илустрира (типологии на икони)“, а исто така сподели и лични примери за неговото богато професионално искуство.

Заради превенција од Ковид-19 настанот во салата во Едукативниот центар М6 го следеа ограничен број гости. Паралелно, вкупно 230 посетители од Северна Македонија, Италија и други земји го следеа предавањето онлајн и тоа на македонски, италијански и англиски јазик.