Ден Дончев поднесе оставка од местото директор на Фондот за здравство


Ден Дончев поднесе оставка од местото директор на Фондот за здравство, јавија повеќе портали.

Причина за оставката на Дончев од челната позиција во фондот како што образложил се здравствени проблеми на неговиот син кој заради затворените граници со коронавирусот е заглавен во Австралија.

Запрашан зошто дава оставка среде пандемија, Дончев одговори дека всушност „излегуваме од пандемија“, тврдејќи дека имал намера функцијата да ја напушти и порано.

Дончев за директор на здравствениот фонд беше поставен веднаш штом беше формирана владата на екс премиерот Зоран Заев. Позади себе има долга политичка кариера бидејќи беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, кога со партијата раководеше Груевски, а во мандатот на Љубчо Георгиевски беше директор на „Македонски Телеком“.

Пред  три години за  „Фокус“ тој откри дека фирма на кумот на Никола Груевски увезувала фалсификувани лекови од Турција.

„Турската полиција уште пред две години предупредила за подземни капацитети во Турција што произведуваат лекови за македонскиот пазар. Овие лекови, произведени од сомнителен извор, а спакувани во амбалажи од оригинаторите, доаѓаат во Македонија преку т.н. паралелен увоз. Уште пострашно, доаѓаат без каков било сертификат за квалитет затоа што законската одредба е укината во 2013 година“, изјави Дончев тогаш.