Демонстрации во Париз поради новиот закон за имиграција кој одобрува построги мерки


Во Париз денеска, врз основа на извештајот на француската полиција, 16.000 луѓе маршираа во знак на протест против законот за имиграција што беше усвоен од парламентот на 19 декември 2023 година.

Целта на демонстрациите е да се изврши притисок врз француската влада пред очекуваната пресуда на францускиот Уставен совет за силно оспоруваниот закон за имиграција. Демонстрантите сметаат дека усвојувањето на законот ќе биде победа за екстремната десница.

Имено, двата дома на парламентот дадоа конечно одобрение за построги мерки против мигрантите, вклучително и намалување на социјалните плаќања.

Демонстрациите беа организирани од колективи на имигранти без документи, синдикати и левичарски партии, против новите владини закони за имиграција.

Текстот сега вклучува многу контроверзни мерки, вклучително и заострување на пристапот до социјалните бенефиции, воведување квоти за миграција и враќање на „прекршокот на илегален престој“.

Поостри мерки против мигрантите предизвикаа голем негодување во јавноста. Еден од демонстрантите денеска држеше плакат во облик на срце на кој пишуваше „Макрон, те мразам од се срце“.

Инаку, Франција моментално е домаќин на 700.000 бегалци и баратели на азил, што ја прави трета земја домаќин во Европската унија.