(Фото, видео): Демонстрации низ целиот свет по повод 1 Мај

Демонстранти ширум светот се судрија со полицијата кршејќи ги анти-ковид правилата за да учествуваат во традиционалните протести на 1 Мај.
Илјадници луѓе излегоа на улиците на Берлин, Истанбул, Мадрид, Париз и Торино на Меѓународниот ден на трудот, јави „Дејли меил“.
Во Турција демонстрантите се судрија со полицијата, при што беа уапсени стотици лица.
Атмосферата и во Париз беше напната, кога припадниците на Жолтите елеци се соочија со полицијата.
Во Торино стотици демонстранти се судрија со полицијата додека се вееја црвени знамиња со срп и чекан.
Шпанскиот вицепремиер Кармен Калво маршираше во Мадрид со членови на Шпанската социјалистичка работничка партија.
Во Москва, Руската комунистичка партија одржа комеморација за Карл Маркс.
Во Турција полицијата приведе 212 демонстранти откако избија нереди за време на првомајските демонстрации одржани и покрај полицискиот час, јавија новинските агенции
Интервентната и цивилната полиција се судрија со водачите на синдикатот и другите демонстранти фрлајќи ги на земја пред да задржат десетици од нив во близина на плоштадот Таксим во Истанбул, покажуваат видеото и фотографиите на Ројтерс.
Кабинетот на гувернерот соопшти дека на некои синдикати им било дозволено да одржуваат спомен-обележување по повод Денот на трудот, додека оние кои „нелегално се собрале“ кршејќи ги мерките за затворање и ги игнорирале повиците за растурање биле уапсени.
Државната агенција Анадолија соопшти дека 20 демонстранти биле приведени во западниот град Измир.
За сузбивање на коронавирусот, Турција спроведува 17-дневно парцијално затворање оваа недела, со наредби граѓаните да останат дома, а ги затвори училиштата и одредени компании.
Локалните медиуми известуваа за полициските напори во Истанбул и Анкара да ги спречат новинарите да снимаат демонстрации и апсења на Први мај.
Во петокот, турските медиуми објавија дека полициските службеници добиле упатства да ги спречуваат луѓето да ги снимаат безбедносните сили додека биле на должност. Критичарите сметаат дека овој потег е незаконски и сметаат дека со тоа се кршат правата на граѓаните.
И во Франција илјадници граѓани се приклучија на традиционалните првомајски протести низ целата земја во саботата и покрај рестриктивните мерки воведени за спречување на ширењето на КОВИД-19.
Демонстрантите бараа социјална и економска правда и отворено се спротивставија на плановите на владата за промена на надоместоците за невработеност.
Во Париз и другите поголеми француски градови – Лион, Нант, Лил и Тулуз беа организирани вкупно триста собири.
Во главниот град на Франција, на синдикалците им се придружија членови на движењето „Жолти елеци“, кое започна бран антивладини протести пред три години, како и работници вработени во сектори сериозно погодени од ограничувањата, како што се културните работници.
Учесниците на маршот носеа заштитни маски во согласност со правилата и истакнаа транспаренти со натписи: „Дивиденди, а не надоместоци за невработеност се приход на мрзливи луѓе“ и „Ние сакаме да живееме, а не да преживуваме“.
„Многу пари одат за оние кои имаат многу, а помалку пари за оние кои немаат ништо, што се гледа во планот за реформа на осигурувањето во случај на губење на работното место, што сакаме да го укинеме“, рече Филип Мартинез, шеф на синдикатот на ЦГТ.
Повеќето од демонстрациите се одвиваа во мирна атмосфера, иако полицијата во Лион растера група од околу 200 демонстранти кои фрлаа петарди.
Седумнаесет демонстранти беа уапсени во Париз, главниот град на Франција во кој беа распоредени 5.000 полицајци.
Неколкумина демонстранти облечени во дуксери со црни качулки се судрија со полицијата. Некои фрлаа камења или превртуваа корпи за отпадоци. Полицијата, наводно, спречила членови на анархистичкиот „Црн блок“ во намерата да формираат протестна група.
На настаните на Први мај присуствуваа и лидерот на француската екстремна левица Жан-Лук Меленшон и лидерката на крајната десница Марин Ле Пен. И двајцата планираат да учествуваат на претседателските избори следната година.
„Моја желба е работничката класа да не се плаши од невработеност и губење работа“, рече Меленшон, кој учествуваше на протестите во Лил. Тој додаде дека се надева дека ќе се врати во градот следниот 1 мај како претседател.
Марин Ле Пен претходно положи венец во подножјето на париската статуа на националната хероина, што ја користеше нејзината партија како националистички симбол и предупреди на „целосен хаос“ доколку Макрон биде реизбран за претседател.
Емануел Макрон, поранешен инвестициски банкар, победи на претседателските избори во 2017 година, кога вети нов начин на управување со земјата и спроведување на нова политика.
Но, голем дел од неговата реформска агенда се сопна на синдикалните борби, додека пандемијата ги запре неговите планови насочени кон реформа на пензискиот систем.
Франција, која е на неславното осмо место во светот по бројот на смртни случаи од последиците од КОВИД-19, во понеделник ќе започне со ублажување на третата „блокада“, откако земјата забележа намалување на бројот на случаи на инфекција.