Демократски сојуз:Македонците да се попишат за да не испаднат помалку од Албанците во државата


Демократскиот сојуз ги повикува Македонците кои живеат во дијаспората, а имаат македонско државјанство, матичен број и адреса во Македонија, да ја искористат можноста која им се нуди со Законот за попис и масовно да се попишат преку онлајн апликацијата, во периодот од 1 март до 31 март оваа година.

-Попишувањето на Македонците кои живеат на сите континенти е од исклучителна важност за добивање вистинска слика за етничкото потекло на сите македонски државјани, порачува  Демократскиот сојуз и предупредува дека отпорот против попишувањето и тивкиот бојкот кој се заговара од некои политички партии во Македонија може да произведе неверодостојни податоци за бројот на етничките Македонци и да го доведе македонскиот народ во нерамноправна положба во сопствената држава.

-Ги повикуваме и роднините на нашите Македонци иселеници кои живеат во Македонија да ги потсетат своите блиски на оваа обврска и да им го објаснат значењето на пописот и попишувањето, порачуваат од партијата.