Демократски сојуз ги нарече „дрски лаги“ нападите на ВМРО-ДПМНЕ

Генералниот секретар на партијата, Зоран Димитровски, соопшти дека нападите врз ДС и други партии во владејачката коалиција траат повеќе од еден месец и нивна цел е тие да не бидат дел од парламентарното мнозинство


Зоран Димитровски беше три години заменик-министер за локална самоуправа во владата на СДСМ

 

Демократскиот сојуз ги отфрли обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека „Градски паркинг“ од Скопје работел незаконски и ги нарече „дрски лаги и конструкции“.

Генералниот секретар на партијата, Зоран Димитровски, на прес-конференција рече дека нападите на ВМРО-ДПМНЕ врз ДС се обид за уцена да не бидат дел од парламентарното мнозинство. Според него, овие напади на ВМРО-ДПМНЕ врз ДС и други партии од владејачката коалиција траат повеќе од еден месец. ВМРО-ДПМНЕ го обвинува досегашниот директор на „Градски паркинг“, дека работел незаконски и им овозможувал на многу функционери од СДСМ, ДУИ и други партии да се паркираат без да плаќаат.

Повеќе од еден месец, Демократскиот сојуз и други партии од владејачката коалиција се предмет на неосновани напади од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Демократскиот сојуз ги демантира и со индигнација ги отфрла сите напади, дека на било кој начин, било кој од Демократскиот сојуз, кој извршува функција, е вклучен во криминал. Овие напади од ВМРО-ДПМНЕ ги сметаме како обид за уцена да не бидеме и натаму дел од парламентарното мнозинство.

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ најмалку можат да напаѓаат, паушално и неосновано, од Белата зграда, градена со капитал стекнат на криминален начин. Тие се партија против чие раководство се водат голем број кривични постапки, а поранешни највисоки државни функционери се осудени на правосилни казни затвор за тешки облици на криминал и корупција“, рече Димитровски.

Тој нагласи дека „никој не добил гратис карта за паркирање, ниту пак за бесплатно паркирање. Списоци нема, тие се конструкции и фалсификати на актуелниот директор, за што ќе следи кривична тужба. Претпријатието работи согласно законите и одлуките на градоначалникот и Советот на Град Скопје“.

Димитровски рече дека „Градски паркинг“ работи врз пазарни основи при што над 270 вработени секојдневно ги извршуваат своите работни задачи. Претпријатието 2021 година ја заврши со вишок на средства од над 27 милиони денари, доволни за исплата на четири плати на вработените.

Плаќањето на комуналната такса во износ од 33 милиони денари за минатата година било одложено од претходниот директор поради пандемијатапоради намаленото  паркирање. „Од таа причина директорот Јакимовски овие средства ги има оставено на залиха за нормално сервисирање на претпријатието, за исплата на плати, комунални трошоци и даноци кон државата.

Борче Јакимовски е еден од најчесните и најдобрите менаџери, кој успешно го водеше претпријатието 12 години, без било каква дамка. Отворени сме за било каква контрола на работењето на директорот Борче Јакимовски’ рече Димиторвски.

Тој заклучи: „Сакаме да им порачаме на ВМРО-ДПМНЕ, дека не сме сите исти. Има и чесни директори, министри и политичари“.