Демократски сојуз бара собраниска расправа за инвестициите во инфраструктурата


Фото: Б. Грданоски

 

Демократски сојуз денеска преку соопштение до медиумите  побара собраниска расправа за инвестициите во инфраструктурата.

Анализата на извршената ревизија на успешноста на „Задолжување на субјектите од јавниот сектор, степен на искористеност на кредитите и заемите, платени и стварни трошоци“, подготвена од Државниот завод за ревизија, покажува дека има бројни недостатоци, меѓу кои и несоодветна техничка документација, пробивање на роковите за изградба на проектите, зголемување на вредноста на проектите, отсуство на координиран институционален наздор и управување со процесите, застој и бавна динамика на реализација на инфраструктурните проекти, неискористеност на заемите итн., велат од ДС 

Анализата на 11 инфраструктурни проекти (патишта и железнички пруги) меѓу другото покажува дека се потрошени 58 милиони евра само за камати и провизии за патишта и железнички пруги, кои не се изградени.  Најмногу сомнежи за криминал има при изградбата на автопатиштата Кичево – Охрид, Миладиновци – Штип, како и железничката пруга Бељаковце – Крива Паланка.

Овие инфраструктурни проекти се градат првенствено со странски кредити, а ги одобрува Собранието, поради што неопходна е парламентарна расправа.  Во анализата на резултатите од оваа ревизија мора да се вклучат и Одделот за организиран криминал при МВР, Обвинителството за организиран криминал, како и Финансиската полициј, соопштија од Демократскиот сојуз.