Демократски сојуз бара Парламентот да одржи вонредна седница по случувањата со СЈО


Демократскиот сојуз смета дека актуелните случувања сврзани со Специјалното јавно обвинителство налагаат потреба од одржување на вонредна седница на Парламентот на Република Северна Македонија, на која ќе се расправа за работата на СЈО и ќе се донесат законски измени со кои СЈО ќе се вклопи во системот на јавното обвинителство, ќе се обезбеди двостепеност и контрола над работата на СЈО.

Воедно треба да се создадат законски можности Специјалниот јавен обвинител да го избира Советот на јавни обвинители на предлог на Јавниот обвинител на РСМ, сметаат од Демократски сојуз.

Инсистираат на сеопфатна и неселективна истрага во која ќе бидат опфатени сите кои се вклучени во оваа злосторничка-рекет банда и да понесат одговорност, посебно носителите на високи функции во законодавната, извршната и судската власт.

Предлагаат целокупниот материјал (информации, податоци, докази, прислушувани материјали и сл.) со кои располага СЈО, надлежното обвинителство и судот да го стават под посебна заштита и да спречат уништување на докази.