Демократската партија на Турците влезе во „Европскиот фронт“ на ДУИ


 

Со ставањето потпис на договорите на претседателите на политичките партии Демократската унија за интеграција и Демократската партија на Турците во Македонија (ДПТМ), денеска во Гостивар беше официјализиран коалицискиот договор за претстојните претседателски и парламентарни избори.

Али Ахмети, лидерот на ДУИ на прес-конференцијата во Центарот за култура „АСНОМ“, коалицискиот договор го оцени како историски чин на соработка која, како што рече, ќе трае и по изборите.

„Овој фронт ќе биде не само за една употреба, само за изборите, за претседателските и парламентарните избори од 2024 година, туку ќе биде вечен затоа што интересите се заеднички. Ова партнерство, овој фронт и вие самите, почитувани, припадници на турската заедница, ќе се уверите дека ќе биде повеќе од политика, ќе биде братска соработка. Ова е најголемата поврзаност меѓу двата народи, двете нации“, напомена Ахмети

Првиот човек на ДПТМ, Бејџан Илјаз обраќајќи се на турски и албански јазик истакна дека денешното потпишување на договорот е потврда на мултиетничкиот дух кој владее во овој град.

„Потпишувањето на договорот на виделина ја вади причините кои обединуваат, а не тие што разделуваат. Денес сме тука за подобрата иднина на нашата земја. Карактеристиките на овие партии кои се во овој фронт се нивното искуството и придонес во најважните моменти за земјата. Се надевам дека оваа коалиција ќе биде профитабилна за нашата европска иднина“, рече Илјаз.