Демократската партија на САД го објави календарот за внатрепартиските избори во 2028 година
Кандидатите коишто ќе се борат за претседателската номинација на Демократската партија на САД во 2028 година ќе мора уште на самиот почеток да се докажат во сојузните држави каде што Афроамериканците, Латиноамериканците и членовите на синдикатите се клучни гласачки групи, покажува календарот за внатрепартиските избори одобрен од партијата.
Новиот распоред ја отстранува Ајова од традиционалното прво место и на чело ја поставува Јужна Каролина, каде што ќе се гласа на 22 јануари 2028 година, а Невада ќе следи на 1 февруари. Њу Хемпшир, Ново Мексико, Мичиген и Вирџинија го дополнуваат списокот на сојузни држави во кои ќе се гласа предвреме, во текот на февруари 2028 година, според планот што го одобри Националниот комитет на Демократската партија на состанокот во Тексас.
Во минатото, како прва јужна сојузна држава што одржува внатрепартиски избори, Јужна Каролина се покажа како клучен фактор за победата на Барак Обама во 2008 година, на Хилари Клинтон во 2016 година и на Џо Бајден во 2020 година. Сите тројца остварија убедливи победи меѓу бројното афроамериканско население во Јужна Каролина, кое сочинува повеќе од половина од демократскиот електорат на внатрепартиските избори во таа држава.
Следните фази
Следните држави на календарот, Невада и Ново Мексико, значат дека кандидатите уште во раната фаза од процесот ќе мора да се борат за поддршката и на латиноамериканските гласачи.
Преместувањето на првите избори од Ајова и Њу Хемпшир не значи дека помалку познатите кандидати нема да можат да се наметнат — како што тоа го направи Пит Бутиџиџ во 2020 година, кога како 37-годишен поранешен градоначалник оствари забележителен резултат. Меѓутоа, тие повеќе нема да можат да го сторат тоа пред публика составена речиси исклучиво од бели гласачи.
Во партијата сè уште постојат несогласувања околу тоа дали поделбата меѓу прогресивното крило и главната либерална струја во Демократската партија ќе се одрази врз календарот за примарните избори.
Од шесте сојузни држави во кои ќе се гласа најрано, сите освен Јужна Каролина се сметаат за изборно конкурентни на општите претседателски избори.
Тоа значи дека уште пред „Супер вторникот“, кандидатите на Демократската партија ќе вложат значително време и ресурси во сојузни држави кои заедно носат 43 гласа во Изборниот колеџ — што е значаен удел на патот кон освојување на потребните 270 од вкупно 538 електорски гласови за победа на претседателските избори.